Најголемиот авто-мото настан под отворено небо во нашата земја, Авто Плус Street Show, ќе се одржи овој викенд, на 16 и 17 октомври.
Иако првично закажан за претходниот, Авто Плус Street Show 2021 ќе се одржи престојниот викенд, во сабота и недела на 16 и 17 октомври. Причината за тоа се временските услови, а викендот кој е пред нас е единствениот сув викенд во календарот. Тоа значи многу нови автомобили и мотоцикли, промоција на електромобилноста и секако премиера на нови модели на македонскиот пазар.
Во отсуство на вистински автомобилски настани во Македонија, Авто Плус Street Show пристигнува како авто-мото саем под отворено небо, а веруваме дека по првото издание во 2019 година, овојпат ќе го издигнеме настанот на уште поголемо ниво. Местото на одржување останува исто, а тоа се големите паркинзи на СЦ Борис Трајковски, каде на површина од 7.000 квадратни метри ќе имаме присутни повеќе од 40 брендови од автомобилската и индустријата на мотоцикли, спорт кампинг опрема, пневматици и нега.
Како дел од репертоарот кој го имаме подготвено, најавуваме и премиера – презентација на новите модели на македонскиот пазар по теркот на светските автомобилски салони, каде излагачите ќе кажат збор-два за новитетите, а посетителите токму на овој настан ќе можат за првпат во живо (Live stream) да ги видат овие нови модели. Меѓу нив и новите Porsche Macan, Škoda Kodiaq, Audi A3, Dacia Duster, Renault Megane Conquest, Hyundai i30, Ford Ranger, но и неколку нови АТВ возила, четирицикли, електрични мотоцикли и велосипеди меѓу кои и Greyp Spirit, Horwin EK1, CFMOTO 1000, како и Gazelle Next комерцијалните возила и многу други.
Бидете дел од овој алтернативен начин за презентирање на нови, еколошки, технолошко напредни возила и настан кој најавува потенцијал да прерасне во една прекрасна традиција. Впрочем, Авто Плус со Изборот за Автомобил на Годината (од 1995) и Златно Тркало (од 2018) покажа дека е лидер кога станува збор за креирањето на настаните за македонската автомобилска индустрија. Затоа, нема причина поради која сите автомобилски ентузијасти, фанатици, вљубеници во убавиците на 2 и 4 тркала, како и сите љубопитни луѓе не би не посетиле.