За разлика од претходните години, сега растат цените на сите производи, а поголемиот дел од производителите ќе бидат принудени да прават нови ценовници бидејќи тие тешко одржуваат чекор со побарувачката.
Потрошувачите во Македонија веќе се директни сведоци на бурните случувања на пазарот на храна, како и на новите ценовници за речиси сите видови производи. Од месо и месни преработки, масло, житни производи, готови производи, зеленчук и овошје… Исто така, забележителен е и често нереален пораст на цените, што од страна на аналитичарите се коментира како обид на потрошувачите и трговците да ја искористат ситуацијата за лов во матно.
Според последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство во септември цените на храната достигнаа највисоко ниво во последните 10 години, а овој пораст се должи најмногу на поскапувањето на житните производи и растителните масла. Некои од компаниите во светот ги зголемиле цените на повеќе од половина свои производи на домашниот пазар, но признаваат дека ги зголемуваат цените и за надворешните пазари. Во текот на пандемијата, поради мерките за контрола на заразата, производството на суровини (од земјоделски култури до растителни масла) во многу земји беше редуцирано, што резултира со намалени испораки. Сега државите се отвораат, но понудата не успева да одржува чекор со побарувачката, па затоа цените растат.
Во септември 2021 година, во Македонија цените пораснаа за 3,7 отсто споредено со минатиот септември, додека, пак, во последната деценија инфлацијата изнесуваше 1,4 отсто.
Цените на многу производи денес се значајно повисоки од истиот период во 2020 година. Следниот фактор е тоа што светската економија сѐ уште страда од прекини во синџирите на снабдување, додека побарувачката расте, што значи дека нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката притиска врз цените.