Не се очекува стабилизација на цените на недвижностите
Граѓаните се загрижени пред се од покачувањето на основните прехрамбени продукти, но и од повисоките цени на горивата и најавата за поскапа електрична енергија.
Помалку забележливо поминуваат покажувањата на цените на становите. А таму растот е највидлив, најголем. Стан во Аеродром кој вредеше до пред неколку месеци околу 1.100 евра по квадрат, сега се продава за 1.250, па и повеќе. Во Центар и Карпош цените се уште повисоки.
Растот на цените на становите беше евидентен уште од почетокот на оваа година. Немаше реакции, становите и понатаму се купуваа и така полека, полека цените сега се до небо. Квадратен метар чини повеќе и од атрактивни места на море. Дали тоа е новата нормалност, дали Скопје станува само со цените на становите светска метропола? Дали ова драстично поскапување е оправдано?
Оние кои продаваат велат дека тоа се реалните цени и дека причината за скокот се зголемената побарувачка на станови а воедно е намалена понудата. Се објаснува и дека растат цените на градежните материјали.
Ќе ги послушаат ли градежните компании односно инвеститорите пораките кои им се упатени? Засега на ова нема одговор, има само најави од градежниците дека очекуваат цените уште да растат.