Владата да внимава со предвременото пензионирање. Работодавачите велат дека не се вклучени во анализата што ја подготвува Владата за моделот по кој ќе може работниците порано да дојдат до пензија. Во моментов се анализира дали да се овозможи пензионирање на 57 односно 59 години старост со докуп на стаж, со намалена пензија или пак симбиоза од двата механизми.
Според Владата, во земјава пензионерите ја користат пензијата во просек 11 до 13 години, за да се овозможи подолго да уживаат во третото доба, но и за да се отворат работни места за младите, се бара модел за предвремено пензионирање.
Предвременото пензионирање беше ветување на СДСМ на претходните избори, влезе и во програмата на Владата. Спротивно на ова пак, ОЕЦД препорачува земјите да го одложат пензионирањето затоа што долговите на сите држави во услови на пандемија се пораснати и потребна е финасиска консолидација.