Еден компјутерски програмер во просек зема 73.805 денари плата. Толку е во август просечно исплатената нето плата за оваа работа. Инаку секторот информации и комуникации во кој спаѓа и компјутерското програмирање повторно е број еден по висината на исплатена плата, Според податоци на Државниот завод за статистика просекот во овој сектор е 54.893 денари.
Втор на листата најплатени сектори е Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препрарати каде просечната плата е 52.353 денари, па Воздухопловен транспорт со 46.729 денари. Следуваат финансиски услужни дејности освен осигурување и пензиски фондови каде просечната плата е 46.114 и Останати стручни, научни и технички дејности со просечна плата е 44.944 денари.
Инаку во август просечната месечна плата се зголемила за 4 отсто. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Стручни, научни и технички дејности (14.0 отсто), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13.4 отсто) и Други услужни дејности (12.6 отсто). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство (5.5 отсто), Уметност, забава и рекреација (3.6 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3.1 отсто).