Кризата со коронавирусот, која владее речиси две години, доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји, а во тој период чести се и случаите на панично купување во супермаркетите.
Неколку маркети во Македонија веќе апелираа до потрошувачите да не претеруваат со пазарењето и да не трупаат непотребни резерви. Освен што се создава нервоза кај граѓаните поради вештачкиот недостиг од производи, се загрозува и рамноправното снабдување. Неколку европски држави веќе сведочеа на панично купување, но состојбата во меѓувреме се смири.
Сепак, растот на цените на храната сега повторно ги принудува граѓаните да купуваат намирници во поголеми количества поради стравувања од нови поскапувања.
Од друга страна, овие состојби, пак, придонесоа и да се промени навиката на потрошувачите во земјата и во регионот, бидејќи замрзнатата храна станува сѐ попопуларна меѓу луѓето затоа што во пандемијата многумина во светот започнаа да прават резерви од смрзнати производи, кои можат подолго време да не се расипат и чија цена не се менува како на свежите производи. Во едно истражување на оваа тема се истакнува дека младите купувачи на возраст меѓу 18 и 35 години имаат навика повеќе да купуваат замрзнато месо, овошје и зеленчуци пред свежите продукти
Нутриционистот Ненад Попоски, пак, вели дека прехранбените производи се најхранливи во моментот на бербата, а свежите намирници почнуваат да пропаѓаат веднаш штом се соберат бидејќи земјата и стеблото за нив се главен извор на хранливи материи и енергија. Тој тврди дека замрзнатата храна е здрава, но таа никогаш нема да ја има целосната хранлива вредност како свежите продукти.
Штом ќе се скинат од гранката на која растат, овошјето и зеленчукот почнуваат да ги трошат сопствените нутриенти и истите тие ги разложуваат за да ги одржат во живот своите клетки, но некои од хранливите материи се особено чувствителни. На пример витаминот Ц, кој му помага на човечкиот организам во апсорпцијата на железото, придонесува за намалување на холестеролот, штити од слободни радикали, особено е чувствителен на воздух и светлина. За разлика од смрзнатата храна каде што нема ваков сооднос – вели тој.
Нутриционистот советува дека здравјето е многу битно во пандемијата и луѓето треба многу да внимаваат како се хранат, колку вежбаат и на кој начин живеат, бидејќи ако се држиме до здравиот живот, ќе имаме поздрав организам и ризикот од штетните последици на вирусот може да се намалат.