За првпат од почетокот на ковид-19 пандемијата во март 2020 година, дискотеките во земјава ќе можат да почнат со работа
Ноќните журки во баровите и ноќните клубови со 50 отсто исполнетост од капацитетот во затворен простор се дозволени во согласност со моменталната епидемиолошка состојба во државата и се на предлог на Комисијата за заразни болести.
Се дозволува работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот, гласи одлуката.
Сепак, за влез во секаков вид на угостителски објекти, како и организирани настани од секаков вид, неопходно ќе биде по 15 ноември да се поседува сертификат за извршена вакцинација со две дози на вакцина против ковид-19 или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена. До 14 ноември за влез во ваквите објекти ќе се бара сертификат за извршена вакцинација со примена прва доза на вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена.
Дозволено е организирање и одржување на семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции и слично, во затворениот дел на објектите до 50 отсто исполнетост од капацитетот на просторот.
Извор: meta.mk