Автобуските превозници најавуваат зголемување на цената на билетите за 20 отсто, ако до крајот на месецот не запре растот на горивата и не преземе нешто владата.
Сè повисоките цени на горивата го доведуваат во прашање и превозот на патници во земјава.
Пресметките на превозниците се дека во старт им се потребни најмалку 20.000 денари само за покривање на основните трошоци без никаква заработка. Зголемената цена во старт ги топи бројките. Дел од превозниците се загрижени дека ќе се намали и така малиот број на патници што сега ги имаме. Бројот на патници се намали изминативе две години, не само поради ковид мерките, туку од тоа дека патниците се плашат да патуваат поради ширење на заразата.
Такси превозниците во Скопје, засега не размислуваат за повисока цена на превозот, но дел од нив го намалија или укинаа попустот што беше во рамки на договорената цена со Градот. Тоа значи дека повисоката цена на горивото веќе влијае на заработката. Тие велат дека ќе следат што ќе се случува со цената на горивата и по потреба ќе реагираат.
Автопревозниците веќе се состанале да ја разгледаат моменталната состојба. Тие утврдиле дека цената на билетот треба да се зголеми, со оглед на растот на цената на горивата, но ќе почекаат да заврши месецот за да видат дали горивата ќе имаат повисоки цени.
Со овие цени, а уште повеќе со повисоката цена на горивото ние во старт сме во загуба. Пресметките се дека нас една релација од 200 километри во земјава, на пример до Охрид или Струга ќе нè чини некаде околу 20.000 денари. Ако на другата страна пресметаме дека просечно превезуваме 10 до 13 патници со билет од 750 денари тоа е некаде 9.750 денари, што значи само ќе го покриеме горивото, а каде се возачот, режиските трошоци, таксите, сметководството и другите вработени кои се грижат за превозот. За позитивна нула значи ни се потребни 25 патници по сегашната цена на билетот, но тоа не може да се реализира – вели претседателот на Асоцијацијата на автобуски превозници.