Бидејќи постојат три типа на тестирање за коронавирус, веројатно се прашувате дали треба да направите PCR, антигенски или серолошки тест
Трите главни типа на тестови се користат за дијагностицирање на инфекција со коронавирус: серолошки, антигенски и молекуларни тестови (попознати како PCR тестови).
Секој детектира различен дел од вирусот, а начинот на кој функционира влијае на брзината и релативната точност на тестот. Значи, кои се разликите помеѓу овие типови на тестови?
PCR и антигенскиот тест ја покажуваат тековната, а серолошкиот третираната инфекција
Важно е да се направи разлика помеѓу антигенски и PCR тестови од серолошки тестови. Тестовите за антиген и PCR укажуваат на присуство на вирусот во телото и позитивниот резултат од овие тестови сугерираат дека моментално сте заразени.
Спротивно на тоа, серолошките тестови укажуваат на присуство на антитела што вашето тело ги развило кога ќе се соочи со вирусот, а позитивниот резултат на тој тип на тест сугерира дека или сте имале инфекција или сте биле во контакт со вирусот во минатото.
PCR тестот и неговите еквиваленти на нуклеинска киселина се сметаат за најсигурен начин да се утврди дали некое лице носи SARS-CoV-2. Позитивниот резултат од PCR тестот значи дека вирусниот геном е дефинитивно присутен, но не одредува дали некое лице е заразно или не.
Антигенскиот тест го мери присуството или отсуството на вирусни протеини (антигени), најчесто нуклеокапсидниот протеин. Преферирани примероци за брзиот антигенски тест се назофарингеалните и орофарингеалните брисеви.
Ако тестот е позитивен, лицето мора да оди во изолација и да се јави на лекар
Антигенските тестови често се нарекуваат „брзи тестови“. Тестирањето се врши со земање брис од слузницата на носот, а резултатите се готови по 15 до 30 минути. Тестот открива присуство на нуклеокапсидниот антиген на вирусот SARS-CoV-2 во назофарингеалниот брис и овозможува побрза и попристапна дијагноза.
Доколку тестот е позитивен, лицето мора да оди во изолација и да се јави кај надлежен епидемиолог или матичен лекар. Но, иако се брзи, тие се најефективни во препознавање на вирусот кај луѓе кои веќе покажуваат симптоми на болеста. Во случај кога тестот е негативен и лицето има симптоми, задолжително е да се направи PCR тест за да се потврди или исклучи болеста.
Постојат два типа на антигенски тестови. Првиот тип е брз антигенски тест за професионална употреба, кога примерокот го зема медицински обучено лице и се користи во болници, клиники или општа медицина.
Вториот тип е антигенски тест за самоупотреба, кој се изведува со земање примерок од лаик кој не е медицински обучен; ова се тестови за домашна или лична употреба.