Македонија за три години ќе остане без експерти за демонтажа на експлозивни направи
Македонија за три години ќе остане без пиротехничари, односно експерти за демонтажа на експлозивни направи. Во моментов работат само седум, но и тие се пред пензија. Ако се знае дека низ цела Македонија сè уште има голем број неексплодирани гранати од Балканските и Првата светска војна, овие кадри се повеќе од потребни, велат од Дирекцијата за заштита и спасување.
„Буквално тие луѓе се сите стари. Тие ја поминаа границата на пиротехничари одамна. Колку години не е вработен ниту еден пиротехничар? 16 години не е вработен. Бидејќи таа е ризична работа, а условите за работа, нас воопшто не ни беа прилагодени. Досега бевме држава во која немавме бенифициран стаж, иако се максимално ризични професии.“
И експертите сметаат дека потребата од нов кадар е повеќе од неопходна.
„Човечките и техничките ресурси се еден од клучните фактори. Зголемување на бројот на вработени лица и секако набавка на современа опрема. Како резултат на проектот ние на овие две институции ќе им понудиме софтверска алатка која што многу ќе им помогне во рамките на нивните работи на терен.“
Иако од првата светска војна се поминати 105 години, во земјава наместо да се намалува, се зголемува бројот на пронајдени неексплодирани убојни средства. Тој број се очекува да се зголемува и во наредните 15 години.
„Инаку сите тие средства се исправни со запалки. Сите тие се исправни и чекаат жртви….“
Најризични региони се битолскиот и струмичкиот. Линијата на некогашниот Солунски фронт е преполн со неексплодирани гранати и таму има речиси секојдневни интервенции. Во изминатите десет години имаше една жртва од неексплодирана гранати и четири случаи на повредени луѓе кои останале инвалиди. И Охридското езеро не е целосно исчистено од неексплодирани убојни средства. Во акцијата од пред неколку години беа извадени 8.000, а очекувањата се дека има најмалку уште толку. Во Охрид деновиве се одржа работилница која имаше за цел на МВР и Дирекцијата за заштита и спасување да им помогне да изградат свои капацитети за пронаоѓање и неутрализирање на неексплодирани средства.