Неблагодарно е годинава да се укажува кој вид греење ќе биде најисплатлив за граѓаните во текот на зимскиот период, велат познавачите
Според нив, причина за тоа е енергетската криза во Европа, а со тоа и во земјава и континуираното поскапување на цената на енергенсите на светските пазари, особено на електричната енергија, нафтените деривати и природниот гас.
Кај нас, како што нагласуваат, голем дел од граѓаните се греат на електрична енергија чија цена Владата ја гарантира до крајот на годинава.
Во земјава интензивно се грее три месеци
Според проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Тој за МИА посочува дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов, како што вели, гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ 62 отсто од вкупниот број домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.
За греење со огревно дрво од 19 до 25 илјади денари годишно
Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри, смета професорот Димитров. Доколку се подели вкупната произведена и продадена дрвна маса на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Максималната малопродажна цена на огревното дрво испорачано до купувач во ЈП „Национални шуми“ е 3.000 денари по кубен метар за даб и 2.900 денари за бука со вклучен ДДВ, но дополнително огревното дрво треба предвреме да се нарача, најчесто на крајот на изминатата грејна сезона за да биде испорачано во тековната грејна сезона. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат пари за транспорт, сечење и за цепење и складирање на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 19 до 25 илјади денари годишно.
Во домаќинствата најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво, за што се неопходни и повеќе од 80.000 денари годишно.
Дополнителен проблем е што во моментов не може да се најде огревно дрво на ниту едно од приватните складишта.
Целиот текст е на skopjeinfo.mk