Деца и жени со бебиња кои бараат од возачите “по некој денар за леб” е сликата која и натаму секојдневно ја гледаме по скопските улици.
Речиси на секоја крстосница, доколку застанете со автомобил, задолжително на прозорецот ќе ви тропне малолетно дете што ќе ви побара пари. Многумина од жал ќе им ги дадат по некој денар, а други, пак, дрско ќе ги избркаат од своите возила. Децата најчесто мирно се повлекуваат, но има и такви што удираат по возилата, прават проблеми. Ваквата состојба не е ништо ново во градот, меѓутоа, сепак, граѓаните велат дека освен што е многу голем бројот на деца питачи, тие се доста безобразни и ги напаѓаат возилата на секој што не сака да им даде пари.
Доколку сте возач во Скопје, задолжително на некоја од крстосниците низ градот ќе бидете сведок на питачење од страна на малолетни лица. Граѓаните велат дека се сведоци на голем број инциденти предизвикани од страна на децата питачи што не добиваат парична помош од страна на возачите. Освен што навредуваат, тие честопати се безобразни и удираат по автомобилите.
– За да одам на работа, секојдневно минувам кај „Бриколаж“ и тоа што се случува таму навистина е вандализам. Јас лично не можам двапати на ден секојдневно да давам пари на питачите. Понекогаш, кога имам, давам и им помагам, но не можам да си дозволам да го правам тоа секојдневно. Кога ќе одбијам да им дадам, се соочувам со вандализам од страна на децата. Што да направи човек во таква ситуација? Знам дека имаат потреба од пари, најверојатно се принудени од страна на нивните роднини или родители да го прават тоа, наместо да посетуваат настава за да се социјализираат, но ова секојдневно малтретирање апсолутно е недопустливо – велат граѓаните.
Жално е толку мали деца да растат на улица. Родителите се тие што треба да преземат одговорност. Јасно ми е и дека е залудно сѐ што ќе преземат надлежните, бидејќи сите мерки се со привремено решение. Децата повторно ќе бидат вратени на улиците. Треба посериозни и поригорозни казни за родителите, за да се спасат децата и да се вратат на вистинскиот пат.
Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) велат дека постојано ја следат состојбата со децата питачи и се преземаат мерки за нивна помош и заштита во согласност со методологијата на работа на Центарот и законските прописи донесени од страна на Министерството.
Оттаму додаваат дека не преземаат активности во однос на полнолетни лица, но доколку со нив има и малолетно лице, улогата на стручните лица од Центарот е нивна идентификација за потребите за понатамошно постапување.
Доколку се идентификува малолетно лице, се преземаат низа активности во насока на заштита на правата и интересите на детето, односно се прави процена на семејството и капацитетите на родителите во однос на вршењето на родителската должност; се врши советување со родителите, односно јакнење на родителските капацитети; спрема детето се применуваат мерки на помош и заштита во согласност со Законот за правда на децата; вклучување на децата во редовното образование преку соработка со училиштата, како и згрижување во дневен центар за деца сѐ до нивното вклучување во редовно образование – информираат стручните лица.
Од Министерството дополнително информираат дека доколку и овие мерки не даваат позитивни резултати, детето може привремено да биде одземено од родителите и соодветно згрижено од страна на Центарот сѐ до промена на околностите, односно до процена што е во најдобар интерес на детето.
Стручните лица постапуваат по секоја пријава од граѓаните и добиени писмени известувања од институции, како и при редовни теренски активности – велат од Министерството за труд и социјална политика.