Во новоите законски одредби се пропишува дека глоба во износ од 13.000 до 14.000 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 25.000 до 28.000 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 76.000 до 84.000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 126.000 до 140.000 евра во денарска противвредност за големи трговци ќе му се изрече за прекршок на правно лице, доколку пушта на пазар пластични кеси за носење на стоки, како и доколку на местото на продажбата не води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси.
Денеска започнува да се применува одредбата од Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој се однесува на пуштањето на пазар на кеси за носење на стоки и пластично пакување за еднократна употреба.
Според законската дефиниција, „Пластични кеси за носење на стоки“ се кеси за носење, со или без рачки, изработени од пластика, кои се достапни за потрошувачите на продажните места на стоки и производи.
„Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија.
Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.
По исклучок од ставот на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки.
Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба.
Трговецот е должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина“, се пропишува во членот 10 од Законот.