Сѐ поголем број негуватели во Германија ја напуштаат професијата поради преоптовареност. Состојбата, според прогнозите, ќе се влошува.
До 2030 година во Германија, според проценките на здравствениот фонд Бармер, ќе бидат потребни уште 182.000 негуватели. Потребата од десетици илјади нови негуватели се заснова врз очекувањето за зголемување на бројот на лица за нега, чиј број до 2030 година ќе се зголеми на 6 милиони, се вели во извештајот за нега кој треба да биде претставен денеска (1.12). „Веќе денес нема доволно негуватели и одржливи концепти за тоа од каде ќе се најдат такви луѓе“, изјави шефот на Барбер, Кристоф Штрауб. Тој предупредува дека Германија е на добар пат да се најде во ургентна ситуација што се однесува до негувателите.
Новите прогнози за бројот на лица на кои ќе им биде потребна нега до 2030 година (6 милиони) се значително поалармантни, зашто досега се поаѓаше од тоа дека до крајот на оваа деценија тој број ќе изнесува 5 милиони. Тоа значи и дека ќе бидат потребни повеќе пари за делот на нега. Според анализата на Хајнс Ротханг од истражувачкиот центар Нееднаквост и социјална политика на Униоверзитетот Бремен, за нега, без притоа да се менува ништо во услугите, до 2030 година ќе бидат неопходни 59 милијарди евра. За споредба во 2020 година тие трошоци изнесуваа 49 милијарди евра.
10.000 евра за враќање на поранешни негуватели
Шефот на пратеничката група на Левица, Дитмар Барч, предлага воведување премија за поранешни негуватели кои би сакале да се вратат во професијата. Таа премија би била во висина од 10.000 евра.
Во текот на пандемијата голем број негуватели ја напуштија професијата поради преоптовареност. На одделенијата за интензивна нега сега има многу помалку негуватели отколку пред една година.
СПД, Зелените и ФДП во својот коалициски договор веќе предвидуваат даночни олеснувања и корона-бонус за негувателите. За бонусот би требало да се одвојат една милијарда евра. Се предвидува и негувателите со мали деца да имаат право на работни времиња кои ќе бидат поволни за семејството.