Покрај унапредувањето, новиот извршен директор на Twitter ќе добие и значително зголемување на платата.
Параг Агравал, кој беше главен технолошки директор на социјалната мрежа до ненадејната оставка на Џек Дорси претходно оваа недела, ќе добива годишна плата од 1 милион долари, според документите поднесени од компанијата до Комисијата за хартии од вредност на САД.
Платата на Агравал е многу повисока од годишната плата од 1,40 долари што Дорси ја добива во последните неколку години. Според компанијата, Дорси земал ваква плата како симбол на „неговата посветеност на Twitter и неговото верување дека компанијата има потенцијал да создаде вредност на долг рок“, велат од компанијата.
Богатството на Дорси во моментов се проценува на повеќе од 12 милијарди долари, според „Bloomberg“.
Агравал му се придружи на Twitter во 2011 година како софтверски инженер и се искачи низ рангот за да стане еден од најблиските партнери на Дорси во подготовките за иднината на компанијата, објави CNBC.
Конкретно, Агравал има клучна улога во проектот со отворен код на Дорси наречен Bluesky, чија крајна цел е да ги натера различните социјални мрежи да комуницираат меѓу себе на ист начин како и е-поштата. Долгорочната визија е корисниците на засебните социјални мрежи да комуницираат меѓу себе без никакви проблеми.