Во периодот од 29.11.2021 до 05.12.2021 Министерството за внатрешни работи спроведе контрола за санкционирање на возила на кои се вградени неатестирани фолии (затемнети стакла) при што санкционирани се 23 возачи.
Многу возачи, понесени од желбата да се заштитат себе си или своите деца од сончевите зраци или од туѓите погледи, се одлучуваат да ги затемнат прозорите на своите возила, без притоа да ги почитуваат основните законски прописи кои тоа го дозволуваат. Голем е бројот на тие кои поради својата убеденост дека можат целосно да ги затемнат прозорите во возилото, вклучувајќи ја и шофершајбната, тоа го сториле, па после биле принудени да го одврзат ќесето и да ја платат големата парична казна.
Според законот, возилото може да има затемнети стакла само со А-тестирани фолии. На стаклата на возилата не се поставуваат огледални фолии. Доколку стаклата на задната страна на возилата се затемнети така што пропуштаат помалку од 30 отсто светлина, тогаш возилото треба да биде опремено со ретровизори на двете страни.
Во возилата се вградуваат одобрени сигурносни стакла кои може дополнително да се затемнат до тој степен што пропустливоста на светлина на стаклото заедно со налепената фолија на него, да биде најмалку 75 отсто за ветробранското стакло и 70 отсто за предните бочни стакла, односно тие кај возачот и совозачот.
Од полицијата велат дека „со оглед дека на стаклата на возилата не смеат да се поставуваат огледални фолии, одредени возила за кои ќе се утврди дека не ги почитуваат прописите, затемнетите прозори ќе им бидат прегледани со техничкото средество тинт-метар кое ја мери пропустливоста на светлина“.
За задните стакла нема ограничувања доколку возилото има два ретровизори. Доколку стаклата на задната страна на возилата се затемнети така што пропуштаат помалку од 30 отсто светлина, тогаш возилото треба да биде опремено со ретровизори на двете страни.
Казнената мерка за непочитување на регулативата за степенот на затемнување на прозорите во автомобил е регулирана во член 360 од Законот за безбедност на сообраќајот. Според оваа одредба, сите „возила во сообраќајот на пат задолжително треба да ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнување на стаклата“.
Во казнените мерки од овој член се вели:
„На правното лицe кое постапува спротивно на одредбата ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност. За прекршокот на овој член ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во правното лице во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбата“.