Патронажните медицински сестри во земјава се во опасност да ги загубат своите работни места. Тие две години работат со договор што истекува на крајот на месецот.
Над 130 медицински сестри вработени со договор на дело, на целата територија на земјава, не знаат што ќе биде со нивниот работен статус по 31 декември, кога им истекува договорот. Порталб.мк разговараше со една од медицинските сестри вработени во овој проект, која вели оти се многу загрижени каде ќе го дочекаат јануари: на работа или на улица!
„Бевме примени на проект во 2019 година од министерството како патронажни сестри за цела Македонија, на шест месеци со фиксна плата од само 20.000 денари, без придонеси. Потоа започна пандемијата, ни го продолжија договорот за дополнителни шест месеци, имавме прекин, а во мај 2020 година ни го продолжија договорот на шест месеци до крајот на годината, па повторно имавме прекин во јануари и февруари 2021 година, и ни го продолжија договор од мај до 2021 година до 31 декември 2021 година“, објасни една од патронажните сестри од Тетово.
Тие сега бараат решенија за вработување, бидејќи договорот им е продолжен три пати. Инаку, се согласуваат барем повторно да им го продолжат договорот, но со платени придонеси и стаж.
Сепак, министерот за здравство, рече дека до крајот на неделата ќе се сретне со оваа здравствена група и вети решение за нивниот статус.
Во јуни 2019 година, Министерството за здравство објави оглас за јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани да работат во услугите на патронажна дејност, да се пријават на конкурсот. Потребните услови беа да имаат завршено средно или високо медицинско образование со положен стручен испит.
Проектот започна на 1 ноември истата година. Преку овој проект беа вработени 48 медицински сестри и 10 лекари во Скопје, 15 медицински сестри во Тетово и останатите медицински сестри низ државата, со што вкупниот број се искачи на над 130.
Извор: meta.mk