Под влијание на влажен бран, во текот на денешниот ден целата територија на земјава ќе биде зафатена од врнежи кои според прогнозите пообилни ќе бидат во крајните источни и западни делови, а на високите планини ќе бидат во вид на снег.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, се очекува зголемување на водостоите на сите реки низ земјава а посебно на оние во крајните западни и источни делови.
Во источните делови на земјата можни се локални излевања во сливот на р.Струмица, помалите реки и суводолиците во Гевгелиско-Валандовската котлина, во горниот дел од сливот на реката Брегалница како и во сливот на реката Крива и реката Пчиња.
Во западните делови локални излевања се можни во сливот на р.Сатеска, р.Коселска, во Охридско – Струшкиот регион, во сливот на река Радика, река Треска и горниот дел од сливот на Црна река.
– Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјава во текот на денешниот ден, стои во соопштението на УХМР.