Meta претстави нова карактеристика „Year in Review“ достапна на Facebook и Instagram.
Корисниците на Facebook ќе можат да ја споделат опцијата „Year Together“ која ги нагласува пријателите, емоциите, местата и луѓето кои според алгоритамот биле најважни во 2021 година.
Разгледницата е достапна до 30 декември и ги опфаќа активностите на платформата во текот на годината.
Корисниците на Instagram имаат Playback осврт кој можат да го објават како временска капсула во склоп на Story. За активација на оваа функција потребно е да објавите повеќе од три приказни или да имате активна опција на архивирање на Story содржините. Платформата ќе предложи кои приказни сакате да ги објавите, но секогаш можете да одберете и самите.
Минатата година Instagram на корисниците им овозможи да направат осврт на изминатата година, а можеа да се објават до девет фотографии во колаж. Овој пат тој метод е во склоп на апликацијата за споделување содржина за крајот на годината.
Facebook и Instagram новата функција ќе ја понудат во вид на предлог, а корисникот секогаш ќе има опција да ја уреди по сопствен избор. Од Meta истакнаа дека двете опции глобално ќе бидат достапни во текот на следните денови.