Зимскиот период не е проблематичен само за возачите поради лизгавиот коловоз на улиците. Поради намалената видливост и несоодветните услови на патот, најчеста жртва се пешаците, па дури и оние што преминуваат улица на места обележани за нив.
Светската статистика вели дека отежнатите услови на патиштата, намалената видливост, но и невниманието на пешаците, се главната причина за зголемената смртност на пешаците кога преминуваат улици. Дополнително, ризикот по нивниот живот е поголем доколку претрчуваат преку улици на места на кои не е дозволено да се прави тоа, со што преземаат сериозни и животозагрозувачки ризици, не само по сопствениот живот туку и по совеста на возачите.
За неколку дена, во земјава се регистрирани неколку случаи на прегазени пешаци, што претставува причина за вклучување на алармот, посебно доколку се земат предвид сите акции што Министерството за внатрешни работи ги спроведува изминатиот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Скопје, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, се само мал дел од градовите каде што се регистрирани случаи на прегазени пешаци, од кои, за жал, некои се починати.
Некои од нив преминувале улица на обележано место, додека други ја користеле средишната жардиниера на булеварите, трети, пак, излетале на патот набрзина, четврти не биле забележани од возачите…
И двете страни треба да се посебно внимателни:
Пешаците се однесуваат крајно несовесно и неодговорно, посебно кога преминуваат улица на пешачки премин. Во дадени ситуации дури се и арогантни. Штом дојдат до пешачкиот премин, не ни погледнуваат, веднаш тргнуваат да преминат улица. Воопшто не проценуваат дали возачот може да застане, дали е безбедно за да поминат… Поради нив може да се случи и карамбол, од наглото закочување на возачот, кој во таква ситуација ќе мора да притисне на сопирачките за да не го прегази пешакот. Уште полоша ситуација е доколку во обид да го избегне пешакот заврти во спротивната лента, па во тој случај може да се случи уште покобна несреќа.
Пешаците од повозрасните старосни групи најмногу страдаат
Од билтените што секојдневно ги објавува МВР, според податоци добиени од секторите за внатрешни работи во земјава, евидентно е дека најчести жртви се токму постарите пешаци.
Оттука неминовно се поставува прашањето која е причината поради која најмногу страдаат постарите пешаци.
Целата оваа состојба е увидена и евидентирана од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи на оваа тема постојано и повеќепати годишно во изминатите години објавуваат кампањи, со цел да се зголеми свеста кај пешаците, а посебно кај постарите.
Како активни учесници во сообраќајот, пешаците мора да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, исто и како кога учествуваат во сообраќајот во улога на возачи, мотоциклисти и велосипедисти. За жал, искуствата покажуваат дека многумина од пешаците не се свесни за фактот дека и тие се активни учесници во сообраќајот, па сликата на улиците приближно изгледа вака: улицата се преминува надвор од пешачки премини, најчесто таму каде што ним најмногу им одговара, каде што им е најкраток патот, го претрчуваат коловозот, иако го сочинуваат две, па и три ленти, прескокнуваат жардиниери и огради, претрчуваат на црвен пешачки семафор итн. – наведено е од страна на РСБСП.
Оттаму потенцираат дека не претрчуваат сите. Има и такви што се движат бавно, со слушалки на уво, без да гледаат лево-десно и без да слушаат што се случува во сообраќајот. За некои, пешачкиот премин е модна писта, за некои, место за добар разговор ако случајно се сретне стар познаник. За некои, движењето помеѓу возилата и помеѓу двете коловозни ленти претставува обична рутина со која вешто се справуваат.
Фактите велат дека пешаците се најмалку казнувани и најмалку контролирани учесници во сообраќајот. Нивното однесување е препуштено на личната одговорност, свест и совест, како и на нивната сообраќајна култура. Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински часови и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини – информираат оттаму.
Анализите покажуваат дека бројот на пешаци што страдаат во сообраќајни незгоди случени токму на пешачки премин е многу голем. Од една страна, има многу неодговорни возачи што не ги почитуваат, ниту пешаците, ниту сообраќајните правила и прописи, но има и многу пешаци што, исто така, неодговорно учествуваат во сообраќајот.
Извор: novamakedonija.com.mk