Цените на основните прехранбени производи се „замрзнаа“ – но оваа мерка засега е со важност до крајот на јануари. Економистите велат дека привремено – стандардот ќе се заштити, но мерката може да има и контраефект. Домашните и странските прогнози упатуваат на тоа дека ценовниот раст ќе се прелее и следната година. Оваа економска година – дел од производите достигнаа ценовен пик.
Празнично – потрошувачката ќе се зголеми, но граѓаните сепак ќе го “бројат“ секој денар…
Она што се случува во европски и во светски рамки веќе сериозно се чувствува и кај нас – пораст на цените на основните прехранбени производи и на горивата. Владата го замрзна цените на основните прехранбени производи, но дали мерката е навреме донесена и дали ќе помогне барем да се “преброди најдолгиот“ месец во годината – јануари. Граѓаните речиси со ист став – добро е што цените се замрзнаа, ама откако дел од производите значајно поскапеа..
Официјалната статистика го потврди она што го велат граѓаните – цените на храната во третиот квартал на 2021 година остварија годишен раст од 3,6%.
Она што го велат земјоделците – го потврди и статистиката. Индексот на влезните цени во земјоделството во ноември годинава во споредба со истиот месец лани е зголемен за скоро 15% . Раст има кај цените за енергија, горива за дури 32,9%, индексот на влезните цени на ѓубривата е зголемен за 12,4% , а на добиточната храна за 9,2%. Овој тренд кај влезните трошоци очекувано го зголеми и индексот на излезните цени во земјоделството – само кај компирот на пример индексот на цената е зголемен за 42,1% , а пораст на страната на аутпутот има и кај овошјето за 7,6% и кај житата и оризот за 11,7%.
По неколкуте намалувања на цените на горивата во земјава – повторно следуваше поскапување – кај бензините за дури 2 денари по литар, а кај дизелот за 1,5 денар. Цената на нафтата на светските берзи годинава беше во постојан раст – на крајот од третиот квартал регистриран ценовен скок на годишно ниво дури за 69,5%. Зошто овој енергенс драматично поскапи?
Според домашната статистика – во ноември годинава во споредба со истиот месец лани трошоците на живот за течни горива се зголемиле за 34,3%. Не само за горивата – драматичен пораст на трошоците на живот од 38,2% има и за гасот. Ценовното цунами ги зафати и другите производи – метали, земјоделски суровини, храна – на светските берзи особено се вивнаа цените на месото и на шеќерот.
Според домашните и светските економисти – следната година се очекува забавување на инфлацијата – но ризиците остануваат и движењата ќе зависат од повеќе фактори.
„Поголемиот дел од домашните и меѓународните институции очекуваат умерено забрзување на стапката на инфлација во тековната година и постепено стабилизирање во наредните две години. Во споредба со претходните проекции, тие се малку повисоки, пред сѐ поради фактори на страната на понудата и продолжениот притисок од цените на примарните производи, при очекувања за натамошно закрепнување на економската активност, како во глобални рамки, така и во домашната економија“ – наведуваат од НБМ.
Извор: www.radiomof.mk