Производителите најавуваат драстично зголемување на цената на гасот од 1 јануари што ќе предизвика ново зголемување на цените на основните прехранбени производи. Доколку не се преземат некои мерки како замрзнување на цените на енергенсите, суровините, пуштање на државни резерви во оптек ќе следува ново зголемување на цените или повлекување на некои производи од рафтовите
Епидемијата на поскапувања продолжува. Производителите најавуваат нов пораст на цените на производите по Нова година, поради раст на цените на струјата и гасот.
Поголем удар очекуваме од 1 јануари кога се очекува цената на природниот гас кај нас да биде зголемена за три пати. Со оглед на тоа дека најголем дел од производителите во производството го користат овој енергенс се очекува и ново поскапување на цените. Околу 50 отсто од големите пекарите во државата кои покриваат најголем дел од пазарот користат гас, така што се очекува драстично зголемување на цените на сите пекарски производи, изјави за ВЕЧЕР, претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија.
Србија, на пример, ги замрзна цените на основните прехранбени производи, но ја замрзна и цената на гасот, на струјата, пушти стокови резерви во оптек, го поевтини брашното…
Доколку не се преземат некои мерки од Нова година ќе следи ново зголемување на цените или повлекување на некои производи од рафтовите. Производителите нема да одат против своите интереси и да ги продаваат производите под производствената цена.
Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така, можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите.
Извор: vecer.press