Резервации за оваа зимска сезозна има, но не се како пред Ковид пандемијата. Од туристичкиот сектор велат дека, годинава интересот на македонските граѓани да патуваат за новогодишните празници најголем е за Истанбул и за Белград, затоа што државите од Европа, поради новиот сој омикрон воведоа нови ограничувања и услови за влез.
-Најмногу се патува и се распрашуваат за Истанбул, Белград, има и за Нови Сад, Сараево и нешто за Будимпешта. За Грција имаше интерес, но откако властите таму одлучија да воведат задолжителен негативен ПСР тест за влез и покрај примени две дози вакцина, многу од граѓаните ги откажаа резервациите и има помал интерес за Грција. Истото се случи и со Црна Гора. Резервациите за Будва се намалија откако се одлучи да се забранат сите прослави на отворено поради новиот сој. Граѓаните пак поради целата ситуација најчесто резервираат во последен момент што исто така ни создава проблеми. Затоа што на само неколку дена пред Нова Година, треба да бараме хотели, туристички водичи и тоа е многу тешко, но што да се прави, ситуацијата е таква и до последен момент не се знае што може да се воведе за одредени дестинации, вели за “Денар”, Силвана Јовановска – туристички работник.
Туристичките работници, оваа сезона ја оценуваат како минимално подобра од ланската, кога речиси се беше блокирано. Раздвижување има, но, сепак велат дека се уште работат со загуби.
-Автобусите одат полупразни, иако може да бидат полни 100 проценти и нема оограничување на бројката. Подобро е од лани, но не е како што беше пред пандемијата. За тоа треба време, за да се достигне нивото од пред Ковидот. Јас лично ако до 2019 тата година пред Нова Година имав околу 200 патници, сега одвај може да се соберат 50 до 60 патници. Порано, ако сме имале по агенција пет автобуси на пет дестинации, сега три агенции со мака може да пополнат три автобуси. Но, да се надеваме дека оди на подобро и дека овие години ќе останат зад нас, додава Јовановска.
Проблем со кој се соочуваат туристичкте агенции е и недостакот на кадар за работа. Поради пандемијата и нивното целосно затворање на одреден период ги принуди луѓето да заминат од дејноста. Нема ниту туристички водичи. Многумина од секторот одлучиле да заминат и во странство, а најчесто одат за Хрватска. Велат дека луѓе за работа нема. Во анализите на Агенцијата за вработување може да се забележи дека од почетокот на годинава, до сега бројот на невработени е намален за над 20 илјади лица. Познавачите на пазарот на трудот пак велат дека бројките не се совпаѓаат со оние на слободни работни места кои се непополнети.
-Тешко и нереално е дека се работи за лица кои добиле работа во услови на пандемија кога знаеме колку отпуштања имаше претходната, па и оваа година. Од страна на работодавачите побарувачката е стандардна со години, се бараат квалификувани стручни работници – угостители, продавачи, касиери, магацински работници и слично, вели за Денар Раде Ненадиќ, приватна агенција за привремени вработувања.
И работодавачите и работниците се надеваат дека во следниот период ситуацијата полека ќе се стабилизра. Дека повеќе нема да има потреба од ограничувања и затворања и економијата ќе почне да закрепнува.