Кога познатата струмичка јасновитка Баба Ванѓа и нејзиниот француски „колега“ Нострадамус би можеле да ги споредат нивните предвидувања за претстојната 2022 година, не би имале значителни совпаѓања, со што веројатно би дошло и до одредени несогласувања помеѓу нив, околу тоа кој е во право во врска со пророштвата за светот. Заеднички им е само песимистичкиот поглед на иднината, барем според толкувањето на нивните записи, за кои треба да се напомене дека има различни објаснувања и треба да се земат со доза на резерва.
Нострадамус веројатно би инвестирал во биткоин и во развојот на нови технологии, имајќи „увид“ во напредокот на вештачката интелигенција и во растот на цените на криптовалутите, за кои наводно зборува меѓу неговите четири главни предвидувања за 2022 година.
– Копиите на злато и сребро зголемени, кои по кражбата беа фрлени во езеро, при откритието дека сѐ е истрошено и изарчено од долгот, сите скрипти и обврзници ќе бидат збришани – пишува францускиот пророк, што е протолкувано како зголемување на цените на биткоинот.
Тој пишувал загатно и во стихови, па неговите размислувања се прилично нејасни. Сепак, едно од предвидувањата се толкува како најава за зголемување на трошоците на живеење, односно на цените на храната. Се смета дека Нострадамус очекува и појави на поплави и на суши, иако не е прецизирано дали ваквите најави се однесуваат за 2022 година.
Баба Ванѓа нема баш оптимистички пророштва. Таа не спомнува крај на сегашната пандемија, туку, наводно, најавува појава на нова пандемија предизвикана од климатските промени. Во нејзините предвидувања се спомнува и доаѓањето на вонземјани кои би испратиле астероид на Земјата, а најавува и подем на технологијата на виртуелна реалност. Струмичката јасновитка и францускиот аптекар се согласуваат околу појавата на недостиг на вода низ светот, додека таа ја најавува и глад, земјотреси и поплави меѓу светските проблеми кои се очекуваат в година.
Предвидувањата на најпознатите јасновитци најчесто служат за сензационалистички наслови што ќе привлечат интерес меѓу љубопитните, па не треба да се сфаќаат сериозно или барем да се земаат со значителна доза на резерва. Може да се каже дека баба Ванѓа и Нострадамус имаат слаб учинок со оглед на бројните избегнати катастрофи и апокалиптични сценарија кои ги предвидуваа во минатото, а кои во голема мера ја доведуваат во прашање нивната моќ за претскажување на судбината на човештвото. Нострадамус, на пример, за годинава предвидел зомби-апокалипса и астероид што ќе го уништи светот, за чие остварување не преостанува многу време, поточно се работи за еден ден во мигот кога е пишуван текстов. Токму затоа,нивните предвидувања можат да се прочитаат чисто од љубопитност и забава, а во нив нека веруваат само оние што сакаат да веруваат.