„Времињата се менуваат, а една традиција повторно се враќа на голема врата – тоа е новогодишната честитка“.
По дваесетина години период кога новогодишната честитка речиси целосно ја загуби популарноста и повеќе кај никого не постоеше желба на класичен начин да ја честита Новата година, во последните 2-3 години честитката е повторно интересна за поголем број на граѓани и поштарите се повеќе ја имаат во своите торби пред Новата година.
Тоа го потврдуваат поштарите од Кичево, кои нагласуваат дека полека, но сигурно честитката го враќа интересот кај граѓаните.
Забележлив е зголемениот интерес кај граѓаните повторно да испраќаат новогодишни честитки и на своите блиски и пријатели на овој начин им ја честитаат Новата година. Во претходните години ретко кога ќе доставевме две-три честитки во текот на денот, бидејќи кај граѓаните се случи таа промена Новата година да ја честитаат преку мобилната телефонија или социјалните мрежи, вели поштарот Дејан Дејаноски и посочува на времето кога честитката била многу присутна пред Нова година.
– Се уште ги паметам зборовите на моите постари колеги кои пред Нова година имале работа преку глава. Сум слушал дека во деновите пред Нова година едвај постигнувале да ги достават целокупните количества на честитки кои ги имале кај себе и кога со полни торби едвај успевале да го поминат планираниот терен, додава поштарот..
Граѓаните се задоволни што честитката се враќа во поштенскиот промет и повеќемина нагласуваат дека е убаво кога поштарот ќе почука на нивната врата и ќе им ги врачи новогодишните честитки, кои за нив ги намениле пријатели, роднини или деловни партнери, додека компаниите и понатаму ја продолжуваат традицијата Новата година да се честита на претходно востановената пракса со честитка.
– И во периодот на целосна осека на новогодишната честитка кај граѓаните и децата, единствено беше застапена кај компаниите соработници, кои ја одржаа кондицијата и го сочуваа стариот добар начин на честитање на Новата година со новогодишна честитка во плик. Така времињата се менуваат, а една традиција повторно се враќа на голема врата – тоа е новогодишната честитка, додава Слаѓан Грозданоски поштар.