Според повеќе истражувања на јавното мислење направени во 2021 година, граѓаните покажале дека најмалку веруваат во судството и во институциите коишто се на првата линија за справување со корупцијата и криминалот. Но и останатите демократски институции добиваат низок степен на доверба од граѓаните. Генерално, граѓаните имаат ниска доверба во речиси сите учесници во политичкиот живот.
Судството со најниска доверба
Истражувањето на јавното мислење што го направи покажува нагласена недоверба кон политичките елити, кои главно се согледани како корумпирани и претежно насочени кон своите интереси. Довербата во најважните институции во Република Северна Македонија, како што се Собранието, Владата, Претседателот на државата и судството, е на ниско ниво.
Изразено во просечна оценка, Собранието од страна на испитаниците е оценето со 3.5 на скала од 1 до 10, што е на исто ниво со оценката на доверба која ја добила и Владата. Највисока оценка на доверба има Претседателот на државата со 4.4, додека најниска оценка на доверба има судството, со средна оценка 2.8. Скоро 5 од 10 граѓани го оцениле судството со оценка 1, односно одговориле дека воопшто не му веруваат на судството.
Според истражувањето, најголем процент од граѓаните искажале целосна и делумна недоверба во судовите (77,5 отсто) и во Јавното обвинителство (74,1 отсто). За справување со корупција граѓаните се изјасниле дека најголема доверба имаат во Владата 32,7 отсто и во Министерството за внатрешни работи 30,3 отсто.
И покрај напорите за подобрување на состојбите, корупцијата е сѐ уште голем проблем во нашето општество, за што се потребни системска акција, поголемо вклучување на граѓаните и подигнување на свеста на јавноста за тоа дека корупцијата не смее да се толерира и не смее да биде неказнива. Повеќе од јасно е дека корупцијата влијае на развојот на земјата, а истовремено ја зголемува и недовербата кон институциите. Преку корупцијата јавните ресурси се пренасочуваат во џебовите на корумпираните поединци наместо на потребните инвестиции во интерес на сите граѓани со кои ќе се подигне квалитетот на животот.
Верските институции уживаат голема доверба
Граѓаните се чувствуваат најсигурни со војската и во верските институции, помалку им веруваат на медиумите, а речиси воопшто не им веруваат на политичките партии.
Религиозните институции се со најмногу доверба, со 3 од 10 граѓани кои имаат доверба во институцијата, вели и истражувањето. Во медиумите и Владата веруваат 21 отсто од граѓаните, ДКСК и граѓанските организации имаат доверба од 20 отсто, а долу на листата се политичките партии со 16 отсто доверба.
Ниската доверба во институции раѓа популизам и теории на заговор
Јавност којашто има ниска доверба во демократските институции е склона да верува во теории на заговор, особено во оние кои се поврзани со коронавирусот.
Високи 72 отсто од анкетираните во истражувањето сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46 отсто дека од авиони се прска вирусот, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица и 57 отсто дека големите медиуми шират лаги.
Генерална недоверба во повеќето државни и општествени чинители влијае врз склоноста на граѓаните кон популистички лидери и решенија за нивните проблеми, нотира анализата.
Ова испраќа силна порака во однос на перцепциите на граѓаните за владеењето на правото, борбата со корупцијата, независноста на судството, како и ефикасноста на судовите. Релативно ниската доверба во институциите и во политичките и општествените чинители создава рефлексија на генералната недоверба кон политичките и општествените елити и го илустрира потенцијалот за популистичка побарувачка во земјата. Недовербата кон институциите и елитите може да води кон гласање за популистички кандидати и кон зацврстување на популистичката понуда. Во оваа смисла, зголемувањето на довербата во институциите преку зајакнување на нивната независност и ефективност може да биде клучна за справување со штетните последици од популизмот во следниот период, се вели во истражувањето.
Извор: vistinomer.mk