Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од 8 милиони евра или половина милијарда денари, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
„Најголеми договори по вредност, како и претходните години, има Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. За одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање на механизација и за набавка на сол и ризла, ова јавно претпријатие во оваа зимска сезона ќе потроши 317 милиони денари, односно 5,2 милиони евра. Ова е 65% од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Ова претпријатие има вкупно девет договори за јавни набавки за оваа намена и тоа пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години“, се додава во истражувањето.
Од ЦГК велат дека според вредноста на договорите за зимско одржување на улиците следна институција е Град Скопје која минатата година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и годинава, во вкупна вредност од 1.4 милиони евра, односно по околу 700.000 евра годишно.
Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра. Општините Тетово и Кичево, кои имаа најголеми износи за овој вид на договори претходната година, сѐ уште немаат склучено договори за оваа зимска сезона. Тендерот на Општина Тетово е поништен, а постапката на Општина Кичево е во тек, додаваат од Центарот.
Во истражувањето се опфатени сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2021 и 2022 година за зимско одржување на улици и патишта.
извор: radiomof.mk