Мерката за инфлација, која Федералните резерви на САД ја користи за следење на растот на цените, се зголеми за 4,9 отсто во декември минатата година на годишна основа, покажуваат податоците на Министерството за трговија, цитирани од „CNBC“. Така, индикаторот достигна највисоко ниво во последните 40 години.
Индексот на цените за лична потрошувачка, без храна и енергија, малку ја надмина прогнозата на „Dow Jones“ за 4,8 отсто. За споредба – во ноември бројката беше 4,7%. На месечна основа, индексот порасна за 0,5% во согласност со очекувањата.
Приходите на домаќинствата се зголемени за 0,3% на месечно ниво, што е под очекуваниот раст од 0,4%. Сепак, потрошувачката се намали за 0,6%, што е помалку од проектираниот пад од 0,7 отсто, но претставува значително влошување во однос на ноемврискиот раст од 0,4%.
Друг извештај на американското Министерство за труд покажа дека индексот на трошоците за вработување се зголемил за 4% на годишно ниво во четвртиот квартал. Ова е најбрзата стапка на раст на индикаторот, кој е достапен од почетокот на 2002-ра година. За споредба – зголемувањето во однос на истиот период минатата година беше 2,5%.
Надоместоците за вработените во приватниот сектор се зголемени за 4,4%, што вклучува зголемување на платите за 5%.
Инфлациските притисоци ги загрижуваат Федералните резерви – во поголемиот дел од минатата година, централните банкари ја опишаа инфлацијата како „привремена“. Друга причина за загриженост се платите, бидејќи нивниот пораст би довел до повисоки цени, што пак дополнително би ја забрзало инфлацијата.
„Кварталните податоци не значат ништо, но со зголемената вработеност и намалувањето на побарувачката во последните месеци, имаме причина да веруваме дека растот на приходот веројатно повторно значително ќе се забрза“, напиша во белешка главниот економист на „Pantheon Macroeconomics“, Иан Шепардсон кој рече дека податоците објавени во петокот го намалија притисокот врз ФЕД да дејствува агресивно.
Во средата заврши дводневниот состанок на Федералните резерви на САД.
„Комисијата има намера да ги зголеми каматните стапки на состанокот во март, доколку има услови“, рече претседателот на ФЕД, Џером Пауел на виртуелната прес-конференција по состанокот на централната банка која мора да биде флексибилна.
„Сега кога инфлацијата е далеку над 2% и пазарот на труд е силен, Комисијата очекува дека наскоро ќе биде соодветно да се зголеми целниот опсег на федералните каматни стапки“, се вели во едногласна изјава на Федералната комисија за отворен пазар (FOMC) по дводневната средба.