Ви се допаѓа Шведска како држава и сакате да станате нејзин државјанин?
Процесот може да изгледа застрашувачки, меѓутоа, во продолжение може да дознаете нешто повеќе за добивање шведско државјанство или право за постојан престој во Шведска.
Ако сакате постојан престој, а не сте државјанин на ЕУ
Граѓаните што не се од земја-членка на ЕУ, а живееле во Шведска во период од пет години со дозвола за престој, и можат да докажат дека се способни финансиски да се издржуваат себеси и нивното семејство во тој период, можат да аплицираат за дозвола за постојан престој со пополнување на формуларот „Ansökan om status som varaktigt bosatt“, кој можат да го пронајдат ТУКА.
Оваа дозвола за постојан престој е валидна онолку време колку што лицето живее во Шведска, но може да се повлече после шест години живеење надвор од земјата.
Ако сакате државјанство и не сте државјанин на ЕУ
Граѓаните што не се државјани на земји-членки на ЕУ, а имаат дозвола за постојан престој и живеат во Шведска во континуиран период од пет години, исто така може да аплицираат за шведско државјанство. Граѓаните што не се од земји-членки на ЕУ, а се во брак или живеат во регистрирано партнерство со шведски државјанин, може да аплицираат после три години, под услов да живеат заедно во Шведска во период од две години. Исто така, личноста ќе мора да биде добро адаптирана во шведското општество, а ќе бидат земени предвид и другите фактори, како што се должината на бракот, познавање на шведскиот јазик и способноста за финансиско издржување.
Ако не сте државјанин, можете да аплицирате да станете државјанин на Шведска по престој со времетраење од најмалку четири години. Истиот временски период важи и за бегалците што добиле дозвола за престој како бегалци во согласност со Глава 4, дел 1 од Законот за странци.
Исклучоци за периодот на барање престој за добивање на државјанство може да се направат за луѓе во брак со шведски државјанин во странство најмалку десет години, кои не живеат во матичната земја, доколку лицето има силни врски со Шведска, преку редовни посети на земјата или силна потреба да стане шведски државјанин.
Сепак, исполнувањето на различните барања наведени погоре не е гаранција дека ќе ви биде доделено државјанство. За почеток, мора да се имате приспособено во Шведска, а Агенцијата за миграции ќе бара информации за тоа дали имате долгови или сте извршиле кривични дела во земјата.
Барањето може да биде одбиено ако лицето има неплатени даноци, парични казни или други давачки. Долговите кон приватните компании пренесени до шведскиот орган за спроведување може да влијаат врз апликацијата, дури и ако се платени, бидејќи мора да поминат две години после плаќањето за да се докаже дека лицето е без долгови. Ако лицето направило кривично дело, исто така постои одреден период пред да може да биде дадено државјанство, во зависност од казната. Повеќе детали може да се пронајдат ТУКА.
Државјанство за деца
Ако имате деца, можете да ги вклучите во вашата апликација за државјанство, под услов да не се во брак, на возраст под 18 години и да престојуваат во Шведска, а вие да имате старателство над нив или родителот со кого имате заедничко старателство мора да даде согласност.
Децата што наполниле 12 години мора да обезбедат и своја писмена согласност за родителите да аплицираат тие да станат државјани на Шведска.
Што е следно?
Ако имате среќа да добиете шведско државјанство, тогаш го имате она што Агенцијата за миграции го нарекува „апсолутно право“ да живеете и да работите во Шведска, да гласате на изборите, да се приклучите на шведската полиција и шведските вооружени сили, и да ги имате сите права на ЕУ, ако претходно не сте биле државјанин на ЕУ.
Како крајна точка, имајте на ум дека некои земји не дозволуваат двојно државјанство, па проверете ги правилата на вашата земја пред да аплицирате.