Лондонски Вест Енд минатата година го симна Хонг Конг како најскапиот пазар за канцеларии во светот, според студијата на консултантската фирма „Savills“.
Рангирањето ги зема предвид сите трошоци на станарите на деловен простор. Вест Енд се искачи на првото место во четвртиот квартал од 2020-та година и оттогаш го задржа своето лидерство, додаде консултантската компанија.
Токио, Мидтаун во Њујорк, градот Лондон, Пекинг, Сингапур, Шангај, Сан Франциско и Париз се исто така во првите десет најскапи пазари за деловен простор во светот.
Иако цената на канцеларискиот простор во Вест Енд е малку намален од третиот квартал на 2021-ва година, нето-годишните трошоци достигнаа 2.883 долари за метар квадратен на почетокот на 2022-ра година, според податоците на „Savills“ вклучени во извештајот за трошоци на „Prime Office“. Во Хонг Конг овие трошоци изнесуваат 2.755 долари за метар квадратен, а во Токио – 1.832 долари за метар квадратен.
Хонг Конг, кој со години беше најскапиот пазар за деловен простор, ја губи титулата бидејќи понудата моментално ја надминува побарувачката. Кириите во градот се намалуваат, а сопствениците на згради прават се повеќе попусти за да привлечат станари.
Градовите во Соединетите Држави во голема мера ги задржаа или ги зголемија цените на канцеларискиот простор во минатата година, при што пријавениот раст во регионот како целина достигна 2% годишно. Но, од третиот квартал на 2021-ва година нема зголемување на нето трошоците, бидејќи попустите остануваат исклучително високи. Станарите во Соединетите Држави сакаат да ги вратат вработените во канцеларијата кога тоа е безбедно, и се фокусирани на удобностите во нив кои поттикнуваат соработка и односи меѓу луѓето. Тие, исто така, ги фокусираат своите напори на имплементација на системи за подобрување на квалитетот на воздухот и благосостојбата во зградата.
Повеќето пазари во Европа, Блискиот Исток и Африка (EMEA) забележаа пад на вкупните трошоци за канцелариски простор од просечни 5% во минатата година во долари. Падот во голема мера се должи на флуктуациите на девизните курсеви. Во локални валути, регионот порасна за 1,7%. Долготрајното и постојано затворање во Европа одигра улога во падот на трошењето во долари бидејќи вработените продолжуваат да работат од дома, а станарите повторно ги проценуваат нивните потреби за простор.
Азиско-пацифичкиот регион забележа годишен пад од 2% на нето трошоците за станарите. Но, градовите забележаа многу понестабилни промени на цените, од 5% во Шангај до -11% во Делхи. Брзиот економски раст во регионот ги охрабрува станарите да размислат за изнајмување простор во клучните градови. Но, понудата ја надминува побарувачката на некои пазари, што доведува до опаѓање на кириите и зголемени попусти за да се привлечат станарите, особено во Хонг Конг.
„Постои многу јасен фокус на квалитетот во сите региони, бидејќи глобалната војна за таленти, која постоеше пред Ковид-19, но сега можеби се интензивира, ги принудува станарите да бараат простор со најдобар квалитет за да ги привлечат вработените назад со максимална флексибилност, а кои им овозможуваат на работодавците да ги исполнат барањата на брзо менување на околината“, рече Џереми Бејтс, раководител на пазари за изнајмување за EMEA во „Savills“. „Првокласните и супер првокласните канцеларии сочинуваа најголем дел од трансакциите минатата година и овој тренд најверојатно ќе продолжи. За станарите кои бараат најдобар простор, понудата на пазари од прва класа е генерално многу ограничена и тие мора да ја започнат својата потрага многу рано и да склучат договор брзо ако сакаат да ги обезбедат областите што се на врвот на нивната листа“, додаде тој.
Извор: denar.mk