Сите професори и наставници во Грција ќе добијат ваучер во висина од 200 евра за купување технолошка опрема, односно таблет, лаптоп и слично.
Конкретниот амандман вчера беше изгласан во грчкиот Парламент, а според Министерството за образование на Грција, ваучер ќе добијат над 160.000 просветни работници од основните и средните училишта и нема да бидат поставени никакви економски или социјални критериуми.
Конкретната мерка е вклучена во програмата „Дигитална грижа", еден од првите проекти на Фондот за закрепнување, во вкупна вредност од 140 милиони евра, преку која веќе се доделени ваучери на над 500.000 деца и млади на возраст од четири до 24 години.
Министерката за образование на Грција рече дека целта е да се зајакне наставниот кадар, а конкретната поддршка е во продолжение на низата активности што се спроведуваат во земјата и придонесуваат за дигитална трансформација на образованието во Грција.
извор: sitel.com.mk