Владата на Србија пропиша максимална малопродажна цена на нафтените деривати Еуро дизел и Еуро премиум БМБ 95 да изнесува 179 (94,28 денари), односно 171 динар (90 денари) за литар, било соопштено по владината седница.
Како што се наведува, членовите на владата ја донеле Уредбата за ограничување на цената на нафтените деривати со цел да се спречи поголемо нарушување и да се зачува животниот стандард на населението, со оглед дека во претходниот период имало зголемување на овие деривати, кои директно влијаеле на порастот на цените и на другите стоки и услуги.
Според српските медиуми, кога станува збор за регионот, Србија е една од земјите каде што цената е највисока, па возачите од западот на земјата често полнат гориво во Босна и Херцеговина.
Неодамна слична уредба донесе и хрватска влада, која исто така ја ограничи цената на горивата.