Турската влада оваа недела покренува иницијатива за зајакнување на националната валута преку мотивирање на граѓаните да продаваат златен накит од своите домови. Инаку, Турците традиционално дел од имотот го чуваат во злато само за да се заштитат од инфлација и пад на вредноста на лирата.
Иницијативата за мотивирање на граѓаните да продаваат злато е дел од поширокиот пакет за стабилизирање на турската валута што претседателот Реџеп Таип Ердоган го претстави во декември. Ердоган вети дека граѓаните кои ќе депонираат пари во банките ќе добијат отштета од државата доколку вредноста на лирата во периодот на орочување падне повеќе од каматата на заштедите.
Турскиот претседател смета дека тоа повеќе нема да биде причина граѓаните да купуваат девизи и злато за да го заштитат својот имот од инфлација и нагло губење на вредноста на домашната валута. За потсетување, само во текот на 2021 година лирата загуби 44 отсто од вредноста во однос на доларот.
Како традиционален подарок за свадби и раѓања, златниот накит е посакуван начин за турските граѓани да го задржат својот имот долги години, со оглед на сомнежот на банките поради искуствата со инфлацијата низ историјата.
Сепак, владините функционери ја гледаат склоноста кон злато како дел од поширокиот проблем на „доларизација“ на финансискиот систем, односно свртување на граѓаните кон девизи и благородни метали, што е постојан извор на притисок врз турската лира.
Иако владиниот пакет мерки за зајакнување на довербата на штедачите дури постигна одреден успех со привлекување 23 милијарди долари во банките, финансиските аналитичари се скептични за тезата дека ќе даде трајно решение за стабилизирање на лирата.
Имено, ако се земе предвид јануарската стапка на инфлација од 48,7 отсто, Турција има негативна каматна стапка од речиси 35 отсто. Инвеститор кој присуствуваше на состанокот со министерот Небати изјави за ФТ дека долгогодишната недоверба на Турците кон лирата ќе биде тешко да се премости.
извор: biznisinfo.mk