Повеќе од 5.000 согласности за вработување се дадени во изминатите три години, тврдат од министерството за здравство. Но, како и на кој начин се вршат вработувањата, кои се главните критериуми и кој се лекува во македонското здравство? Факт е дека во болниците има сериозен недостиг на кадар, но и нововработените, според досегашната пракса се или со партиска книшка или со пари или преку дебели врски!
Наместо прворангираниот, специјализиран кадар, на една од скопските клиники се вработила треторангираната која не ги исполнувала критериумите, но сепак врската и била висок партиски функционер, а нејзиното име само требало да се најде на апликацијата. Така, таа експресно почнува со работа, додека прворангираниот по кој знае кој пат останува дома.
Вака отприлика поминуваат речиси сите конкурси за вработување. Ретки се директорите кои се спротиставуваат и кои бараат квалитет и работно искуство од своите помлади колеги.
„Кога конкурираат за работа тие се стручно тестирани, се зема предвид просекот на студии, на конкретна специјалност, каде што конкретно аплицираат, за на крај тоа да не се земе предвид и со дискреционо право без никакво објаснување Комисијата да одлучи спротивно од таа ранг листа“, објаснува абдоменален хирург, кој сакаше да остане анонимен.
извор: fokus.mk