Глобалното затоплување, кое се забележува сега, е најсилното во последните 200.000 години, изјави Петри Талас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО).
Според него, настаните во последните 100 години се единствени. – Почнавме да ги користиме фосилните ресурси на планетата – нафтата и гасот – и тоа доведе до зголемени емисии на јаглерод диоксид во атмосферата, како што се стакленички гасови кои ја зголемуваат температурата во долниот дел од атмосферата. Толку многу затоплување немало во последните 200.000 години. Постојат многу јасни научни докази дека тоа не би било можно без интензивното согорување на јаглен, нафта и гас, објаснува Талас.
Воедно, тој побара да не се мешаат поимите „климатски промени" со „флуктуација на времето. – Промените на времето се случуваат од година во година, ден по ден, секоја недела. Набљудуваме метеоролошки аномалии: понекогаш во некој регион сезоната е многу студена во споредба со претходната година, а понекогаш е многу потопла од претходната година. Но, мораме да ги следиме глобални и регионални статистики, рече генералниот секретар на СМО, посочувајќи на природните флуктуации како што е природниот феномен Ел Нињо.
Тој направи аналогија со употребата на допинг во спортот. – Овие флуктуации влијаат на температурите на океаните, како и на просечните глобални температури. Гледајќи ги овие аномалии, на ум ми доаѓа споредбата со светот на спортот. Земете ги, на пример, скијачите кои покажуваат забележителни резултати, а кога се користи допинг, тие ќе покажат уште подобри резултати. Ја „допингувавме" атмосферата и таа стана побрза. Затоа сме сведоци на екстремни температури, силни поплави, суши и тропски бури, појасни Талас./МИА
Извор: kanal5.com.mk