Во пустинската клима на Скотсдејл, Аризона, се наоѓаат 147 мозоци и тела, сите замрзнати во течен азот со цел еден ден да бидат одмрзнати.
Ова не е научна фантастика – за некои дури и не е воопшто никаква наука, но сепак, илјадници луѓе од целиот свет ја даваат својата доверба, живот и богатство на ветувањата на криониката – практика на зачувување на телото со антифриз кратко време по смртта, со надеж дека медицината во иднина ќе биде во можност да ги поврати од мртвите.
„Пред околу половина век, доколку некој престане да дише и неговото срце престане да чука, ќе го проверевме и ќе изјавевме дека е мртов“ – изјавува Макс Мор, директорот на Фондацијата Алкор за продолжување на животот во Скотсдејл.
„Нашиот став е дека кога ќе наречеме некој мртов тоа е една произволна линија. Всушност, на нив им е потребно спасување“.
Тоа „спасување“ започнува во моментот кога докторот го прогласува пациентот за мртов. Тимот на Алкор започнува да подготвува ледена бања и 16 лекови и варијации на антифриз се додека температурата на пациентот опаѓа скоро до замрзнување.
„Критичната работа е тоа колку брзо ќе дојдеме до некој и колку брзо ќе го започнеме процесот на ладење“- вели Мор. Со цел да се овозможи тоа, станиците на Алкор се опремени со тимови во Велика Британија, Канада и Германија и им нудат на членовите за чланарина од 10.000 долари легално да умрат во Скотсдејл, каде што рекордот за ладење на пациентот и подготвување за операција е 35 минути.
Потоа, договорениот хирург ја отстранува главата на пациентот доколку тој ја избрал опцијата „Невро“ на Алкор, како што еуфемистички се нарекува, со надеж дека може да се одгледа ново тело со ДНК-та на личноста кога ќе дојде време за одмрзнување. Ова е исто така многу поефтиниот начин, за цена од 80.000 долари, што е помалку од половина од цената за зачувување на целото тело. „За тоа се потребни 200.000 долари, што и не е толку многу како што звучи, бидејќи повеќето луѓе плаќаат со животното осигурување“- изјавува Мор.
Кој го прави ова?
Кога Мор пристигнал во САД во 1986г. од Велика Британија за да се обучува на Алкор, кој бил управуван од страна на волонтери, тој се регистрирал како 67-миот член. Од тогаш, компанијата вработила постојан персонал од 8 вработени, го зголемила своето членство на повеќе од 1.000 и скоро двојно ја зголемила големината на своето одделение за грижа на пациентите. Бројот на „пациенти“ постојано расте.
Би можело ли да успее?
Според законот, Алкор нема никаква обврска да овозможи живот после смртта. Всушност, откако законски ќе се прогласи смрт, владата ги смета „пациентите“ на Алкор единствено како тела и органи донирани на науката.
Но сепак, криониката треба да се соочи со законите на науката. Експертите имаат поделени мислења. Оние кои ја поддржуваат посочуваат на успешни примери на ин-витро оплодување на замрзнати ембриони и експерименти со животни, а останатите посочуваат недостиг на докази, како и недоволно познавање на човековиот мозок.
Сепак, според Мор, оваа компанија не продава надеж, туку шанса за живот после смртта и се’ повеќе и повеќе луѓе се пријавуваат да бидат замрзнати и да ја имаат оваа шанса.