Како резултат на руско-украинската војна во Хрватска дневно може да се подигнат 963 евра од банка, а во Словенија 400 евра од Сбербанка која од понеделникот е затворена и пари можат да се подигнат само со картичка.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска за ТВ 21 вели дека банкарскиот систем стабилен, бидејќи нема руски и украински банки кај нас. Граѓаните да бидат спокојни, курсот на денарот останува стабилен и понатаму, исто како и банкарскиот систем.
„Ние имаме фиксен курс на денарот, врзан за еврото. Оттаму од исклучителна важност за одржување на курсот се девизните резерви. Девизните резерви со кои располагаме се околу 3,4 милијарди евра, односно се на високо ниво и се во целост конзистентни со нашите очекувања“, истакна Анита Ангеловска -Бежоска.
Таа наведува неколку причини зошто не се очекуваат посериозни ефекти од санкцијата со која се предвидува исклучување на дел од банките од SWIFT платформата.
„Странските директни инвестиции од овие две економии учествуваат со само 0,5% во вкупните, но не се присутни во сферата на банкарскиот систем. Во овие околности, ова е предност за нашиот банкарски систем, за разлика од други економии во нашето соседство, каде има присуство на руски банки и коишто се соочуваат со одредени потешкотии поради новонастанатата состојба. Исто така, она што е важно да се потенцира во делот на платниот промет, во основа не се исклучени сите руски банки, а исто така постојат и други алтернативни платформи коишто можат да се користат за извршување на плаќањата. Оттаму, би посочила дека не гледаме ризици за нашиот банкарски систем и погенерално за финансискиот систем, со оглед на минималните или непостоечки врски со финансиските системи на економиите на Русија и Украина“, додава Анита Ангеловска -Бежоска.
Од Македонска банкарска асоцијација потврдуваат дека нема простор за паника, продолжуваат со работа како до сега.
„Нашите членки (банките и штедилниците) продолжуваат со редовна работа и сервисирање на барањата на сите свои клиенти без ограничувања“, посочуваат од Македонската банкарска асоцијација.
Гувернерката повикува на подигнување на општата свест, дека со ширење на лажни вести се нанесува штета на граѓаните. Особено во време на вакви глобални турбуленции, треба да видиме како сите заедно можеме да ја надминеме со минимум последици, а не да креираме штета таму каде што реално нема.
Извор ТВ21