Привршуваат подготовките за прилепскиот Карневал „Прочка 2022“, учествуваат над 500 маскирани, а започнува и Струмичкиот карневал.
По пауза од две години, градот под Марковите кули повторно го враќа сјајот на карневалот „Прочка".
Карневалските настани почнуваат во петок со традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Од петок до недела Прилеп ќе биде домаќин на традиционален карневал „Прочка 2022", на којшто ќе учествуваат маски само од нашата земја поради се уште актуелната Ковид состојба. Градоначалникот Борче Јовчески на денешната прес конференција посочи дека - Добредојдени сте сите во градот под Марковите кули.
Очекуваме сите овие случувања да донесат малку позитивна енергија и расположение, кое ќе овозможи за момент да ги оставиме проблемите настрана и да уживаме, бидејќи кризата која трае подолго време си го зема својот данок од општественото живеење воопшто, посочи Ристеска, советник за култура во прилепската локална самоуправа.
Жири комисија ќе ги оценува најдобрите три маски и гран -при наградата за најдобра карневалска маска.
Во понеделник по завршување на карневалот „Прочка 2022" на пладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија", доколку дозволат временските услови или пак во некој од рестораните тука во градот, ќе се одржи во организација на здружението 'Прилепски мечкари' традиционален посен ручек.
Започна и карневалот во Струмица
Викендов Струмица ќе живее во духот на карневалот. Настаните почнуваат со предавање на клучот на градот на карневалџиите, кои во следната седмица ќе ја имаат сета власт. Веднаш потоа следува промоција на монографијата по повод 30 години организирана форма на Струмички карневал.
- По пауза од две години, поради пандемијата од Ковид – 19, овој наш град повторно има причина да се радува и со полни гради да ги живее еднонеделните карневалски свечености.Нека ни е со среќа и нека ни е за многу години Струмичкиот карневал и сите други карневалски празнувања, напиша Костадинов.
Карневалите ќе ги збратимуваат Струмица и Венеција
– Ја почнавме постапката за збратимување со Венеција. Имаме многу точки на соработка, а Струмичкиот карневал е една од нив, како и средновековието, информираше градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов по завршувањето на официјалната посета на Венеција.
Според него продлабочувањето на соработката се должи токму на струмичкото чудо, Струмичкиот карневал.
-Тој е основата за збратимување на Струмица и Венеција, но и споделувањето на средновековниот период. Знаете дека во тоа време, во 15 век, Венцијанската република имала многу трговци во овој регион, а затоа сведочат и 80 пронајдени венецијански монети на локалитетот Цареви кули. Ќе формираме работна група во рамки на Општина Струмица, која ќе почне постапката за збратимување со градот Венеција, рече Костадинов.
При посетата на Венеција струмичкиот градоначалник беше примен од претседателката на Советот на градот, Ермелинда Дамиано.
Во возвратна посета на Струмица делегација од Венеција треба да дојде по завршувањето на тамошниот карневал и тогаш треба да се очекува и формализирање на збратимувањето.