Доколку не проверите навреме уште колку ви важи патната исправа и колкав е рокот што го толерираат државите во кои сакате да одите, може да не ја напуштите земјата.
Тоа што пасошот сè уште ви важи не значи дека ќе заминете во странство. Секоја држава има свое правило за тоа колку време не смее да е пред истек на важност вашиот пасош за да може да ја поминете границата. Така, доколку не проверите навреме уште колку ви важи овој документ и колкав е рокот што го толерираат државите во кои сакате да одите, може да не ја напуштите земјата, да ви пропадне уплатена возна карта, резервација, платен престој во хотел...
За патување и престој во соседна Србија, правилото вели дека пасошот треба да е валиден за време на престојот, што значи дека може да го користите до моментот на истекување.
Истото правило, пасошот да е важечки за време на престојот, важи и за Црна Гора.
Доколку одите во Албанија, патната исправа треба да е валидна најмалку три месеци по планираниот датум на заминување од територијата на оваа држава.
Заминувањето во Египет, пак, значи дека пасошот треба да е валиден најмалку 6 месеци од датумот на влез во Египет.
Какви се македонските правила?
За влез на странец во Македонија, патната исправа треба да задоволува два критериуми. Првиот е да е важечка најмалку три месеци по планираниот датум на заминување на странецот од нашата територијата, а вториот е да е издадена во претходните 10 години.