Во време кога во земјава има речиси нешто над 140 илјади невработени лица кои активно бараат работа во Агенцијата за вработување, денеска има 5599 отворени огласи за вработување. Само за неколку дена бројот на слободни работни места беше речиси двојно поголем. Ланската година завршила со 7979 работни места за кои се барале работници да ги потполнат. Стапката на невработени според официјалните државни институции на крајот на ланската година изнесувала 15,2 отсто. Соодносот помеѓу потребата на нов кадар и невработените лица во државата, покажува дека во просек за едно работно место во реалниот сектор конкурираат 25 лица.
Се бараат кадри и тоа, од техничка струка, мајстори, хигиеничари па се до менаџери и останати високи позиции во компаниите. Дел од фирмите објавиле колку плата нудат за работното место, а дел оставаат простор за договор.
За разлика од податоците на Агенцијата за вработување, во извештајот на Државниот завод за статистика за слободните работни места во последните три месеци од 2021 година имало на располагање 7979 работни места за граѓаните од земјава. Највисока стапка на слободни работни места имало во секторот Административни и помошни услужни дејности, додека најмала е регистрирана во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Компаниите со број на вработени од 10 до 49 имаат најмногу понуди на слободни работни места. Во однос на региони, Вардарскиот Регион има најголема понуда на работни места.
Најновите податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека индексот на бројот на работниците во индустријата во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година, изнесува 97. Веќе неколку месеци по ред се забележува намалување на бројот на вработени во производствените капацитети.
Поразителен е фактот што покажува дека речиси дополнителни 800 илјади граѓани се водат како неактивно население, односно подолг период не бараат работа.
извор: denar.mk