Пониските температури значат и помал притисок во гумите, затоа е потребна и почеста проверка на гумите во постудените месеци
Автомобилските гуми кај повеќето модели на автомобили обично се пумпаат на притисок од 2 до 2,4 бари, а препорачаната бројка за вашиот автомобил, која е означена на налепница некаде на автомобилот (обично на рамката од вратата), треба да се применува во текот на целата година.бидејќи нема различни бројки за лето или зима.
Меѓутоа, надворешната температура сепак влијае на притисокот во гумите, па затоа во зима кога ќе пристигнат „минусите“ треба почесто да ги проверувате и пумпате гумите отколку во летните месеци, се за да го одржите идеалниот притисок кој е еден од најважните фактори за безбедност при возење.
Во лето нема потреба од тоа бидејќи потоплите молекули на воздухот во гумата се движат побрзо и повеќе се „судираат“ помеѓу себе, зголемувајќи го притисокот во гумите на потребното ниво. Кога температурата паѓа, молекулите на воздухот се забавуваат и „се лепат“ еден до друг што резултира со пад на воздушниот притисок и потенцијално недоволно напумпана гума.
Во пракса, многу производители на гуми проценуваат дека гумите губат 0,06 бари на секои 10 степени пад на надворешната температура. Исто така, подолг престој на автомобилот во место во зима обично го пречекува сопственикот со делумно напумпани гуми.
Корисно: ако вашиот автомобил има систем за следење на притисокот во гумите, светлечкото предупредување ќе се активира со пад на притисокот од најмалку 25 проценти. Оваа „ситница“ е особено корисна за следење на притисокот во гумите при ладно време.
Ако го немате овој сензор, проверете ги гумите откако вашиот автомобил е паркиран само неколку часа (возењето ја зголемува температурата на воздухот, а со тоа и притисокот на воздухот во гумите) за да ја добиете најпрецизната бројка за загуба од пропишаната. Не заборавајте да го проверите препорачаниот притисок за предните и задните гуми, бидејќи предните гуми обично се пумпаат за околу 0,2 бари повеќе од задните гуми поради тежината на моторот под хаубата.
Потоа брзо и цврсто вметнете го манометарот во вентилот за воздух на гумите за прецизно отчитување, а ако гумите се под препорачаната бројка за вашиот автомобил, користете воздушен компресор за да ги надувате додека не ја добиете саканата вредност.
Најдобро е да ги проверувате гумите еднаш месечно, бидејќи кај помалку напумпани гуми со понизок страничен профил, падот на притисокот не се гледа секогаш „на око“ како кај оние со повисок профил. Други знаци дека гумите може да ви се недоволно напумпани: воланот се тресе, ако е само една гума тогаш автомобилот „влече на страна“ или пак е потребен „подолг пат“ на сопирање.
извор: dodajgas.mk