Дел од скопските менувачници се соочуваат со недостиг на евра по зголемената побарувачка во изминатите неколку дена, поради што воведоа и делумни ограничувања на сумата што може да се размени, враќајќи ги граѓаните што се обидуваат да се снабдат со европската валута, како што забележа екипа на „Нова Македонија“ при обиколката на неколку менувачници низ главниот град.
Вработените во менувачниците велат дека од вчера граѓаните почнале помасовно да менуваат денари во евра, односно да купуваат евра.
"Луѓето веројатно ги подигаат своите депозити од банките, па сега ги менуваат во евра. Има мал недостиг од евра, но до крајот на денот се ќе биде под контрола. Не знаеме зошто владее ваква паника меѓу граѓаните, кога денарот е стабилен".
Од Народната банка добивме одговор дека не е забележан недостиг на евра во менувачниците или зголемена побарувачка за откуп, ниту при теренската супервизија, со што сметаат дека станува збор за изолиран случај.
Од страна на Народната банка не се забележани вакви појави, ниту при теренска супервизија, ниту преку поплаки од клиенти. Претпоставуваме дека станува збор за изолиран случај. На повеќе пати апелираме до граѓаните да не се водат по шпекулациите и лажните вести, кои овој период се присутни и да не се изложуваат самите себеси на материјални загуби. Народната банка гарантира дека курсот на денарот е стабилен и ќе остане стабилен. Зад ова тврдење стои доказ од три декади успешно одржување на курсот, вклучително и во време на неколку кризи. Капацитетот на Народната банка за одржување на стабилноста на денарот е признаен и од страна на меѓународните финансиски институции, вклучително и во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд. Народната банка располага со широк инструментариум за заштита на стабилноста на курсот на денарот, од кој, секако најзначајни се девизните резерви.
извор: novamakedonija.com.mk