Луѓето низ целиот свет можеби зборуваат ист јазик, по најновите сознанија на научниците дека звуците кои се користат за зборови на општо познати предмети и идеји се многу слични.
Истражувањето, објавено во научниот магазин „PNAS“ на Американската научна академија, ги предизвикува основните принципи на лингвистиката кои тврдат дека јазиците се развиваат независно еден од друг без природно значење на звуците кои формираат зборови.
Во студијата се анализирале повеќе илјади јазици и утврдено е дека за основните концепти, како делови од телото, семејните врски или делови од природниот свет, постојат слични звуци – како концептите важни за човечките искуства да поттикнуваат универзална вербализација.
„Овие симболични шаблони се појавуваат повторно и повторно низ целиот свет, независно од географската распространетост на луѓето и независно од јазичните родови. Изгледа дека има нешто во човечката состојба која води кон овие шаблони. Не знаеме што е, но знаеме дека такво нешто постои“, вели д-р Мортен Кристиансен, професор по психологија и директор на Когнитивната лабараторија за невронаука на Корнел Универзитетот за Телеграф.
Научната студија утврдила дека на поголемиот број јазици, зборот кој се користи за „нос“ веројатно вклучува звуци како „нех“, или „оо“.
Слично, зборот „лист“ има голема веројатност да ги содржи звуците како „л“, „п“ или „б“, додека зборот „песок“ многу често го содржи зборот „с“. Зборот „црвено“ и “тркалезно“ често го вклучуваат звукот „р“.
„Тоа не значи дека сите зборови ги имат овие звуци, но односот е многу чест за да биде случајност“, додава д-р Кристијансен.
Меѓу другите зборови кои содржат слични звуци на илјадници светски јазици се и „каса“, „куче“, „риба“, „кожа“, „ѕвезда“ и „вода“. Сличноста била посебно силна кај зборовите кои ги опишуваат деловите од телото, како „колено“, „коска“ и „гради“.
Според податоците пронајдена е врска и дека одредени зборови веројатно ќе немаат некои звуци. Ова особено било случај кај заменките.
Тимот составен од физичари, лингвисти и компјутерски научници од САД, Аргентина, Германија, Швајцарија и Холандија анализирале од 40 до 100 основни зборови од речникот на околу 3700 јазици, односно околу 62 проценти од сите светски јазици.
Научниците не знаат зошто луѓето користат исти звуци за да ги опишат основните предмети и идеи на својот јазик, но д-р Кристијансен вели дека овие концепти се значајни на сите јазици и децата ги учат рано во својот живот.
„Веројатно овие сигнали помагаат да се привикнат децата кон прифаќање на јазикот. Можеби има некоја врска со човечкиот мозок, нашите начини на интеракција или сигналите кои ги користиме кога учиме или го процесираме јазикот. Тоа се најважните прашања за следни истражувања“, вели тој.
Еден од најосновните концепти во лингвистиката е дека односот меѓу звуците на зборовите и нејзиното значење е засновано на случајност. Сепак последните студии покажуваат дека одредени зборови делат исти звуци – на пример зборовите за мали, остри предмети низ различни јазици во голем процент содржат високи пискливи звуци, додека тркалезните предмети содржат „о“ звуци, што е познато како „буба/кики“ ефект.
Д-р Лин Кејхил, предавач на англиски јазик и лингвистика на британскиот Универзитет Сусекс, вели дека е можно некои зборови да бидат слични низ јазиците бидејќи тоа се првите звуци кои ги прават децата, но таа додава дека е премногу рано да се зборува за универзален корен на останатите зборови.
„Може да се спори дека зборовите кои биле избрани овде, се многу стари и затоа има поголема веројатност да имаат заеднички јазик во минатото од кои сите се настанати. Се работи за интересна студија која разгледувала голем број јазици, но мислам дека се’ уште не го оправдува тврдењето за побивање на идејата на арбитрерноста на јазиците, бидејќи разгледани се многу малку зборови за да се направат цврсти заклучоци“, вели д-р Кејхил.