Министерството за труд и социјална работа и политика соопшти дека 35.000 граѓани од најранливите категории ќе добијат субвенции, односно ваучери, во вредност од 1.000 денари, и тоа за три месеци, за купување на основните производи за исхрана.
Во рамките на социјалниот дијалог обезбедена е директна финансиска помош за речиси 330 илјади пензионери, со што највозрасните граѓани ќе добијат дополнителни 3.000 денари за три месеци, или по 1.000 денари плус со мартовската, априлската и со пензијата во мај.
„Со прифаќање на предлогот на Сојузот на здруженијата на пензионерите се воведува нова методологија за континуиран раст на пензиите. Со новата методологија, со која усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50 % и 50 % растот на просечната плата, ќе почне да се применува без дополнителни одлагања со септемвриската пензија годинава. Измените и дополнувањето на Законот за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка Владата ги достави до Собранието.
Ова е историско и рекордно зголемување - пензионерите со просечна пензија, која во моментот е 16.300 денари, по завршувањето на финансискиот пакет од 1.000 денари, а со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. Во согласност со проекциите, на крајот на 2022 година се очекува зголемување на просечната месечна пензија на приближно 17.300 денари во споредба со крајот на 2021 година кога во просек пензијата беше 15.876 денари“, се наведува во соопштението.
извор: mtm.mk