Маж кој позајмил книга од библиотеката во германскиот град Менхенгладбах ја вратил 60 години по истекот на рокот за враќање.
Книгата стигнала на адресата на библиотеката во пакет испратен од југот на Франција заедно со рачно напишано писмо со извинување на две страници, информираа од управата на библиотеката, додавајќи дека на својот поранешен член нема да му наплатат казна за задоцнето враќање.
Во писмото, денеска 81-годишниот член на библиотеката, „илјада пати побарал прошка“ поради доцнење во враќањето на книгата.
Неименуваниот човек пред 60 години позајмил книга од Фридрих Енгелс.
„Градската библиотека е среќна поради враќањето на нејзината сопственост. Сега можеме да го пречкртаме насловот од долгата листа на исчезнати книги“, стои во соопштението на управата.
Од крајот на Втората светска војна од таа германска библиотека исчезнале повеќе од 850 книги.