Труење, криволов или недозволена трговија се меѓу главните закани за дивиот свет во земјава. Египетскиот мршојадец и балканскиот рис се на работ на истребување, а и мечките, волците, лисиците или шакалите не се под помала закана. Сепак, и покрај тоа што ова се едни од главните причини за десеткувањето на полулациите на најзагрозените животни во земјава, еколошкиот криминал и понатаму нема ниту еден документиран судски случај, ниту пак е изречена казна за убивање диво животно.
Египетскиот мршојадец кој е глобално загрозен вид и се соочува со истребување на целата планета во С. Македонија има само 12 гнездечки пара. Белоглавиот мршојадец има само седум, а црниот и брадестиот одамна се истребени. Не се подобри ниту бројките со балканскиот рис, кој во моментов се проценува дека има околу триесетина возрасни единки. Големината на полулациите низ годините постојано опаѓа, а причината за тоа се повеќе фактори.
Криволовот е најголемата закана за балканскиот рис. Во последните години 14 рисови настрадале од човечка рака, два во несреќа на пат и само еден од болест. Програмата за закрепнување на балканскиот рис на Македонското еколошко друштво трае од 2006 година, но и покрај сите напори бројот постојано опаѓа.
Покрај криволовот едни од најголемите закани за опстанокот на рисот се и прекумерниот лов на срната, зајакот и дивата коза кои се неговата главна храна, но и дивите кучиња кои му го јадат пленот.
Проблемите со еколошкиот криминал кон дивите животни се присутни на целиот Балкан и во Европа.
„Нелегалната трговија на диви животна вреди милијарди“, велат од Кралското здружение за заштита на птиците од Англија и додаваат дека се работи за глобален проблем кој многу земји се обидуваат да го решат.
извор: meta.mk