Од вчера 15 март и официјално патниците кои одат за Грција повеќе нема да треба да пополнуваат PLF формулар за да влезат во популарната туристичка дестинација.
Оваа промена ја најави Министерот за Туризам.
Во соопштението објавено од Василис Кикилијас се вели: „По препорака на Експертскиот комитет на Министерството за здравство, од 15 март 2022 година, пополнувањето на Формуларот за лоцирање на патници (PLF) што беше задолжително за сите посетители за влез во Грција е укината“
Укинувањето на PLF ја поедноставува процедурата за влез на патниците, префрлувајќи го акцентот на проверките на сертификатите за вакцинација.
„Покрај тоа, усвојувањето на нови здравствени протоколи за туризам, ја става Грција пред конкуренцијата. Како и секогаш, ние сме подготвени безбедно да ги пречекаме нашите посетители“.
Од 15 Март, целосно вакцинираните патници ќе треба да прикажат само доказ за вакцинација за да влезат во земјата.
Меѓутоа, за да се сметате за целосно вакцинирани, мора да ја имате примено последната вакцина најмалку 14 дена пред да патувате, но вашата последна вакцина не смее да биде стара повеќе од девет месеци.
Додека пак невакцинираните патници, мора да прикажат или доказ за прележан Ковид или негативен PCR тест не постар од 72 часа.