Граѓаните сметаат дека и 18.000 денари се премалку за пристоен живот, но ако вреќа брашно чини 800 денари, со минималецот ќе купите 22.5 вреќи, ако сметаме дека маслото за јадење се продава за 100 денари, тогаш со минималецот ќе купиме 180 шишиња од овој производ.
Се покачи и автобускиот превоз, па така ако повратниот билет на релација Скопје – Охрид е 1.100 денари, со минималецот можете да купите 16 билети до оваа дестинација. За истата сума, за најблиската релација од Скопје, односно ако патувате до Куманово до каде билетот во еден правец чини 150 денари, ќе можете да платите 120 билети.
Во многу кафулиња во главниот град, нес кафе чини 120 денари, и со минималната плата можете да покриете 150 кафиња. На атрактивни локации во Охрид, уште лани летото нес кафето чинеше 150 денари, и таму би испиле 120 кафиња. Берово и Крушево, иако се туристички места, сепак се евтини, и во овие два града, со 18.000 денари во кафулињата можете да платите 300 пијачки, кафиња или пак сокови. За купување на мебел можностите се мали.
„Со минималец кај нас може да купат еден кревет, четири столчиња, или трпезариска маса, но сето ова одделно, не заедно. Ако имаме акција можат и мала блок кујна да купат за 18.000 денари или ако чини 19.000 денари, да додадат уште 1.000 денари. Ова е за најевтините работи кои се нудат на акција, за нешто поскапо не може да стане збор“, велат од продавница за мебел во Битола.
Од продавниците за мебел велат дека луѓето кои примаат минималец многу тешко можат да го променат мебелот дома, или ако тоа го сторат, можат да си дозволат да го купат само најевтиното и најнеопходното.
Но, ова е само доколку имаме в џеб сума од 18.000 денари, а треба да земеме во предвид дека работниците со таа плата преживуваат, се прехрануваат, плаќаат сметки, и со нив треба да поминат цел месец. Тоа значи дека работникот кој работи за 18.000 денари, има на располагање по 600 денари дневно во текот на месецот. Повисока минимална плата ќе земат 80.000 работници во земјава.
извор: faktor.mk