Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e рангиран на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2021/2022 година.
Листата која секоја година ги оценува академските перформанси на универзитетите ширум светот, ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети, а годинава УКИМ бележи пад од 27 места, споредено со ланската академска година.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата со 65,9 бодови од вкупно 100.
Универзитетите се оценувани според квалитетот на образованието што го нудат и бројот на истражувачки трудови кои произлегле од нив.
Од регионот, Србија се вброи на листата со четири свои универзитети, Бугарија со два, а Грција дури 12. На светско ниво, пак, врвот и понатаму го држат американските универзитет Харвард, МИТ и Стенфорд.
Годинава во рангирањето биле вклучени вкупно 19.788 високообразовни институции од целиот свет, а само 2.000 се избрани како најдобри.