Париз е дом на некои од најпопуларните атракции во светот, а француската престолнина сега ќе ја добие својата прва градска жичница.
Предложени се планови за нова жичница долга 4,5 километри, која ќе поврзува различни предградија на југоистокот со системот на париското метро, а изградбата ќе започне оваа година. Завршувањето се очекува во 2025 година, а проектот „Кејбл 1“ ќе го поврзе париското предградие Вилнев-Сен Жорж со станицата „Понте ду лак“ во Кретеј во регионот Ил-де-Франс. Возењето ќе трае само 17 минути, што е повеќе од двојно пократко од патувањето со автобус.
Проектот ќе чини 132 милиони евра и ќе превезува околу 11.000 луѓе дневно, а времето на чекање на гондолата ќе биде само 30 секунди за време на шпицот. Секоја гондола ќе може да прими до 10 патници.
Француските градови Брест и Гренобл веќе имаат слични системи за жичници, но „Кејбл 1“ би станал првиот ваков проект во Париз доколку биде официјално одобрен, што на крајот и се очекува. Во меѓувреме, некои други слични транспортни системи се во различни фази на развој.
Проектот „Кејбл 1“ првпат беше предложен во 2008 година и се сметаше за неопходен поради ридскиот терен на Кретеј, кој има брза железница и автопат, така што жичницата би била алтернатива на помалку практичните „копнени“ транспортни средства.
извор: novamakedonija.com.mk